|
ТВ дебата во Тетово на тема: Градење на меѓуетничкиот соживот - предизвик за институциите во Тетово |
|
|
На 29 февруари 2008 год. со почеток во 20.10 часот на локалната телевизиска станица Менада се емитуваше ТВ дебатата на тема „Градење на меѓуетничкиот соживот – предизвик за институциите во Тетово“ на македонски јазик. Емисијата ја водеше Санда Србиновска, новинар во ТВ Менада, а беше обезбеден титлуван превод на албански јазик. Во дебатата учествуваа: Аднан Нухи - претседател на Комисијата за односи меѓу заедниците во Тетово, Насер Ќамили – советник во општина Тетово, Марина Обадиќ – Заменик Народен правобранител во регионалната канцеларија Тетово и Сретен Коцески – претседател на Институтот за развој на заедниците Тетово.
Целта на ТВ дебатата беше да се промовира улогата на институциите кои се надлежни да ги штитат правата на немнозинските етнички заедници, но и да се дискутира за работата на Комисијата за односи меѓу заедниците, правичната застапеност во општина Тетово, употребата на јазиците на заедниците и интеркултурната афирмација која може да се искористи како мост за зближување меѓу претставниците од различна етничка и верска припадност.
Сите соговорници се согласија дека спроведувањето на Уставот и законите на државата се први и основни механизми кои ја гарантираат заштитата на немнозинските етничките заедници. Меѓу другото, на локално ниво постојат разни комисии и тела кои помагаат во унапредувањето на правата на заедниците, но важна улога имаат и невладините организации кои се тука да ги охрабрат добрите примери или да корегираат одредени прашања кога системите на институциите не функционираат. Во своите излагања, учесниците имаа можност да ја претстават работата на институциите и телата во кои работат создавајќи една општа слика за состојбата со немнозинските етнички заедници во Тетово.
Генерални заклучоци од ТВ дебатата беа следните: граѓаните не се информирани за состојбите во општината во поглед на етничката застапеност; помалите заедници се ставени во незавидна позиција бидејќи акцентот претежно се става на односите меѓу Македонците и Албанците; ниеден припадник на турската етничка заедница не е вработен во општината; јазиците на помалите етнички заедници не се користат во општината, иако според соговорниците тоа би било одличен гест за рамноправност на сите; граѓаните недоволно ги познаваат јазиците на другите етнички заедници со кои живеат – институциите да помогнат за изучување на јазикот на „другиот“; мал е бројот на претставки кои се поднесуваат во канцеларијата на Народниот правобранител; верските празници се поводи кога граѓаните од различна вероисповед се дружат и одат на гости едни кај други, но постои потреба од повеќе заеднички активности и манифестации на различни етнички заедници.
За целите на оваа ТВ дебата беше направена анкета помеѓу граѓаните на Тетово кои беа запрашани што тие мислат за соживотот во нивниот град и колку институциите треба да помогнат во неговото унапредување. Скоро сите анкетирани изјавија дека соживот во Тетово постои. Една од причините за поделбата меѓу граѓаните соговорниците на дебатата ја лоцираа кај политичарите, додека меѓу луѓето односите во поголема мера се во ред.
tt117
|