| ТВ дебата во Велес „Oбразованието на припадниците на немнозинските етнички заедници” |
|
|
|
Фондацијата Институт отворено општество – Македонија на 21 октомври 2009 год. организираше ТВ дебата на тема „Oбразованието на припадниците на немнозинските етнички заедници” која се емитуваше како дел од редовната програма на ТВ Здравкин, Велес во терминот на емисијата ТВ дебата. Целта на ТВ дебатата, која започна во 19.30 и заврши во 21.00 часот, беше да се презентираат наодите од 18-месечното набљудување на локалната администрација во општина Велес и општина Чашка во поглед на остварувањето на правата на немнозинските етничките заедници.
На ТВ дебатата учествуваа: Садик Демиров, претседател на невладината организација „Романе Бериша”, Рамо Биберовиќ, член на невладината организација „28 Септември”, Асен Прличков, директор на ООУ „Васил Главинов“ - Велес и Димче Велев, локален координатор на проектот за Велес и Чашка. Во дискусијата акцентот беше ставен на состојбата во образованието и проблемите со кои се соочуваат учениците од ромска, албанска и босанска етничка заедница. Лошата социјално-економска положба, рече Демиров, често пати ги принудува родителите од ромска националност да не ги праќаат децата на училиште, туку ги праќаат да заработуваат. Од страна на Асен Прличков беше посочено дека Ромите секогаш седат во последна клупа и на тој начин се чувствуваат дискриминирани. Тие не учат на својот мајчин јазик, иако се прават напори за посетување на факултативна настава на ромски јазик. Од друга страна, наставниот кадар кој што треба да ги учи децата-Албанци во подрачните училишта на „Васил Главинов” е несоодветен, а во дел од училиштата условите за изведување настава се супстандардни. Учениците од босанската етничка заедница во Оризари се принудени да учат на српски јазик иако во друго училиште во државава им е овозможено да учат на босански јазик. Според Биберовиќ, наставен кадар за изведување настава на босански јазик има доколку се дозволи таквата настава. Тој истакна дека проблеми има со преведувањето на учебниците бидејќи тие не се преведуваат на јазиците на заедниците заради малиот број на корисници, па со тоа се оневозможува и децата да учат на мајчин јазик. Во однос на правичната застапеност во управувачките структури дискутантите се сложија дека бројката на Роми вклучена во управувачките структури е минимална, а Бошњаците се застапени во повеќе сегменти на јавниот живот. Димче Велев, локален координатор на проектот, објасни како изминативе месеци се спроведе проектот и ги посочи придобивките од неговото функционирање. Во своето образложение рече дека постојат проблеми во образовниот процес, но дека тие треба да се решаваат согласно Законот за основно образование. ТВ дебатата ја водеше Славица Ќучукова Николова, новинар и член на локалниот мониторинг тим за општините Велес и Чашка. ve983
Powered by !JoomlaComment 3.26
3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved." |
|||||||
| Следно > |
|---|









