| Регионална ТВ Дебата на ТВ Ирис Штип |
|
|
|
Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во соработка со локалната канцеларија на проектот во Штип на 17.12.2007 год. организираше ТВ дебата на тема „Имплементација на националната и меѓународната легислатива во областа на малцинските права“ која започна во 20.30 часот на локалната телевизиска станица ТВ Ирис.
По дадениот вовед од страна на новинарот за уредувањето на нашата држава и третманот на немнозинските етнички заедници според Уставот на Р. Македонија, Сашко Тодоровски даде дефиниција за тоа што е немнозинска етничка заедница појаснувајќи дека правата на немнозинските етнички заедници се индивидуални права, а не колективни.Дебатата ја водеше новинарот Војо Маневски, а во неа учествуваа: Шенај Османов, претставник од ромската етничка заедница, Јонус Али, претставник од турската етничка заедница, Драги Илиев, претседавач на Советот на општина Штип, Рајна Панова, Заменик Народен правобранител од регионалната канцеларија во Штип и Сашко Тодоровски, експерт за малцински права. Заменикот народен правобранител Рајна Панова се осврна на надлежностите и досегашната работа на институцијата Народен правобранител. Таа нагласи дека досега не е поднесена претставка за кршење на правата на немнозинските етнички заедници во регионот, но тоа не значи дека дискриминацијата не постои, туку дека граѓаните не се доволно информирани каде да се обратат во такви случаи. Актуелната состојба се должи и на фактот што сеуште не е донесен Закон против дискриминација, но се очекува истиот да биде усвоен до крајот на 2008 година. Претседавачот на Советот на општина Штип Драги Илиев зборуваше за работата и улогата на немнозинските етнички заедници во општината. Посочи дека во Советот има советник - припадник на ромската етничка заедница, кој преку своето делување прави напори да се подобрат условите за живот на Ромите во Штип. Претставникот од ромската етничка заедница Шенај Османов се осврна на проблемите на Ромите во Штип посочувајќи примери од секојдневната работа на Здружението за правата на Ромите во кое тој делува. Меѓу другото, зборуваше и за Стратегијата за имплементирање на Декадата за вклучување на Ромите. Посочи дека општина Штип има усвоено локален акционен план за Декадата, меѓутоа досега општината нема одвоено ниту денар за имплементација на активностите од акциониот план. Јонус Али од Здружението за развој и еманципација на Турците од источниот дел на Република Македонија „ЕМ” од Штип ги посочи проблемите на Турците во регионот, секојдневното соочување со дискриминација во јавните институции, проблемите со образованието и нискиот економски стандард. Дискусијата во голема мера беше фокусирана кон потребите на Ромите и инертноста на општинската адмнинистрација во решавањето на проблемите со кои се соочува ромската популација. Во рамките на дебатата граѓаните имаа можност да се вклучат директно во емисијата со свои прашања. Нивниот интерес беше насочен кон работата на Народниот правобранител, активностите на општината и проблемот со образованието на Ромите во регионот.
TV debata vo Stip
sht453
Powered by !JoomlaComment 3.26
3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved." |
|||||||||||||||||||||||||||||||
| < Претходно | Следно > |
|---|









