|
Работилница за промоција на прирачник за отстранување на дискриминацијата во Делчево |
|
|
На 30 септември 2009 година во Делчево беше промовиран „Прирачник за отстранување на дискриминацијата врз основа на етничка припадност“, чии автори се Мирјана Најчевска и Сашко Тодоровски. Прирачникот е објавен на македонски јазик, а во подготовка се и неговите верзии на албански, турски, српски, бошњачки, ромски, влашки и англиски јазик.
Вовед во работилницата даде ко-авторот на прирачникот Сашко Тодоровски кој зборуваше за дискриминацијата и комплексноста на нејзиното утврдување, потенцирајќи при тоа дека не секогаш кога се мисли дека се работи за дискриминација, таа и вистински постои.
Мердита Салиу од Министерството за труд и социјална политика даде осврт на активностите кои министерството ги презема во поглед на подготовката и донесувањето на Законот за антидискриминација. Референтот за малцински прашања во општина Делчево Џулиета Мемедова се осврна на локалните механизми и инструменти за заштита од дискриминација, истакнувајќи ја улогата на Комисијата за односи меѓу заедниците. Зекир Абдулов, претседател на Хуманитарното добротворно здружение на Роми „Кхам“ од Делчево укажа на конкретните примери на дискриминација во регионот, регистрирани при процесот на мониторинг кој го спроведуваат и можните начини за нивно решавање. За жал, присутните немаа можност да го слушнат излагањето на Заменик Народниот правобранител од регионалната канцеларија во Штип, Рајна Панова, која во последен момент го откажа учеството на работилницата.
Излагањата на воведничарите поттикнаа дискусија за дискриминацијата на Ромите, Србите и Турците во регионот. Беа разменети и искуства за отстранување на дискриминацијата врз основа на етничка припадност и користењето на прирачникот како инструмент за нејзино полесно надминување.
На работилницата учествуваа 10 претставници од институции, 8 од локалната самоуправа, 38 од невладини организации и 9 ученици од Виница, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица и Кочани.
Во наредните денови ќе бидат организирани уште три работилници за промоција на овој прирачник и тоа во Велес, Прилеп и Штип.
Објавувањето и промовирањето на прирачникот е дел од активностите на проектот „Живеење во мултиетничка средина – граѓани со еднакви права, можности и заштита” финансиран од Европската комисија и ФИООМ.
Дневен ред
del56vo
|