|
Одржан вториот мултиетнички хепенинг „Под исто сонце” во Струга |
|
|
На брегот на Охридското езеро на 4-ти јули 2009 год. во автокампот „Ас”во Струга се одржа вториот мултиетнички хепенинг, кој е дел одкампањата „Под исто сонце” за промоција на мултиетничките вредности и поттикнување на меѓусебното почитување на етничките заедници во Македонија. Високите температури не ги спречија посетителите да уживаат во настанот кој се одржа под отворено небо. Повеќе од 6000 посетители имаа можност да се запознаат со културата и традицијата на различните етнички заедници кои како обележја беа промовирани од страна наневладини организации, институции, културно-уметнички друштва, женски организации и музеи. Манифестацијата официјално ја отворија Н.Е. ЕрванФуере, специјален претставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската Комисија и Владимир Милчин, извршен директорна Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Во рамките на официјалното отворање беше промовирана и публикацијата „Водич за националното законодавство во сферата на употребата на јазиците на етничките заедници во Република Македонија“, објавена на 7 јазици.
Оваа година беше презентирана исклучително богата програма со фолклорни игри, народни носии и ракотворби, експонати, кулинарски специјалитети во чии рамки беа вклучени сите етнички заедници кои живеат во земјава. Атмосферата беше весела до самиот крај, учесниците и посетителите се дружеа преку музика и игри и надвор од сцената создавајќи чувство на заедништво и солидарност. Беа претставени и кратки документарни филмови, ликовни творби, публикации, а посебен интерес за љубителите на спортот привлекоа турнирите во кошарка и мал фудбал. Во кошаркарскиот турнир првото место им припадна на членовите на Агенцијата за развој на регионот од Липково, додека во турнирот во мал фудбал како најдобри се покажаа членовите на Центарот за одржлив развој на заедницата од Дебар.
Во рамките на хепенингот покрај културно-забавната програма беа организирани две панел дискусии во Евроколеџот во Струга:„Сегрегацијата во образованието – предизвик за мултиетничкотоопштество“ и „Дали Охридскиот рамковен договор донесе подобрување на меѓуетничките односи?“. Во врска со проблемите во областа на образованието во Струга се констатираше дека конфликтот меѓу учениците е вештачки наметнат и решението не треба да се бара кај учениците, туку кај политичарите. Влијанието на Охридскиот рамковен договор врз меѓуетничките односи во државата беше дискутирано на втората панел-дискусија каде се заклучи дека ревидирањето на Охридскиот рамковен договор може штетно да се одрази врз меѓуетничките односи во Македонија.
Како завршница на еднодневниот мултиетнички хепенинг, со цел создавање простор за дружење на младите, од 20:00 до 01:30 часот на плажата од автокампот „Ас” настапија Мајка бенд, Паркети, Бени & Нон Стоп и Кирил Џајковски, како и најмалото театарче на светот „Зелената гуска”.
Влезот беше слободен за сите настани.
Иако вториот мултиетнички хепенинг е последен во рамки на кампањата „Под исто сонце“, извршниот директор на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија Владимир Милчин порача дека во иднина ќе бидат организирани уште повеќе настани од ваков тип.
Настанот го организираше Фондацијата Институт отворено општество –Македонија во соработка со НВО „Заеднички вредности” и 12-те поранешни Центри за поддршка на НВО во рамките на проектот „Живеење во мултиетничка средина – граѓани со еднакви права, можности и заштита“ финансиран од Европската Комисија и ФИООМ.
Слајдшоу од настанот
|