|
Обука на тема „Човекови права и правни стандарди за заштита на немнозинските етнички заедници“ |
|
|
Од 19 до 21 септември 2008 год. во Кочани се одржа обука на тема „Човекови права и правни стандарди за заштита на немнозинските етнички заедници” на која присуствуваа 9 претставници на институции и 12 претставници на невладини организации од Велес, Лозово, Чашка и Градско. Обуката ја спроведоа Игор Тасевски и Талија Бабоска од Центарот за граѓански иницијативи Прилеп. Целта на обуката беше учесниците да се запознаат со механизмите за заштита на човековите права, како и со малцинските и јазичните права на граѓаните во меѓународното и домашното право.
Во дневниот ред беа опфатени следните теми: природа на човековите права и слободи и хронологија, основни човекови права, меѓународни документи за човекови права за заедниците и нивна примена во Македонија, остварување на правата на припадниците на немнозинските етнички заедници во Македонија и нивна заштита, институции надлежни за заштита на правата на немнозинските етнички заедници. На обуката беа разделени материјали од предавањата и практичните вежби.
Низ реални примери за перцепцијата на остварувањето на човековите права во секојдневниот живот и институциите, предавачите ја доближија темата до претставниците од невладиниот сектор и локалните институции. Учесниците активно се вклучуваа во дискусиите и покажаа голема заинтересираност за темата. Тие ги изнесуваа различните искуства од средините од кои доаѓаа и различните мислења во однос на нивната националност, пол и образование. Забележителна креативност се покажа во работата во групи. Според исказите на дел од учесниците, оваа обука за прв пат им овозможила да добијат генерална слика за правата кои ги има човекот во секое време, секое место, секаде во светот.
Обуката ја организираше Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во соработка со локалната канцеларија на проектот во Велес (Фондација за локален развој и демократија „Фокус” Велес, поранешен Центар за поддршка на НВО).
Дневен ред
ve983
|