|
Регионална средба на Народниот правобранител во Битола со Комисиите за односи меѓу заедниците |
|
|
На 26 ноември 2008 год. во Битола се одржa „Регионална средба на Народниот правобранител - регионална канцеларија Битола, Комисиите за односи меѓу заедниците и Советите на општините од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Новаци, Могила, Кривогаштани, Неготино, Кавадарци, Крушево и Долнени”. Целта на средбата беше да се поттикне соработка меѓу Народниот правобранител, комисиите за односи меѓу заедниците и советите на општините за прашања кои се однесуваат на немнозинските етнички заедници.
На средбата присуствуваа 48 учесници, меѓу кои 40 советници и
претставници на општинските администрации од регионот, 6 претставници
на невладини организации и 2 новинари од локални медиуми од Битола и
Прилеп. Модератор на средбата беше Игор Тасевски од Центарот за
граѓанска иницијатива Прилеп.
Со воведно излагање до присутните се обрати Лилјана Илиевска, Заменик Народен правобранител од регионалната канцеларија во Битола, која зборуваше за надлежностите на Народниот правобранител. Таа напомена дека од 2001 год. до денес се поднесени многу мал број на претставки до Народниот правобранител кои укажуваат на повреда на правата на немнозинските етнички заедници. Малиот број на поднесени претставки, според Лилјана Илиевска, се базира на стравот на граѓаните од поднесување претставки или недоволната информираност за надлежностите на Народниот правобранител. Меѓу другото, актуелната ситуација е резултат и на непостоењето на закон за забрана на дискриминација, за чие донесување Народниот правобранител се залага во годишните извештаи. Тања Ѓорѓиевска од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на РМ (ЗЕЛС) истакна дека во 2009 год. ЗЕЛС ќе издаде прирачник за работата на комисиите за односи меѓу заедниците и заедно со експерти ќе се ангажира да подготви декларација за соработка на општинските совети и комисиите за односи меѓу заедниците. Претседателите на Комисиите за односи меѓу заедниците од Долнени и Крушево, Сабит Ќамилоски и Беким Сулејмановски, ја презентираа работата на нивните комисии. Комисијата од Долнени досега има успешно решено одредени локални проблеми во соработка со градоначалникот, додека за комисијата од Крушево најголем проблем е финансирањето. Притоа се спомна примерот со општина Чашка каде за реализација на активностите на комисијата за односи меѓу заедниците општината има предвидено околу 200.000 денари.
Во понатамошниот тек се зборуваше за проблемот со образованието на албанската заедница во Битола и паричните казни со кои се соочуваат родителите како последица од непочитување на Законот за задолжително средно образование. Лилјана Илиевска истакна дека е битно родителите од Битолскиот регион, чии деца не можат да посетуваат средно училиште заради големата оддалеченост и лошите социјални услови, да ја посетат канцеларијата на Народниот правобранител за да ги информираат за нивните проблеми и за да можат да постапат по нив. Во тој контекст беше споменато дека истиот случај во Ресен бил успешно решен, каде се отворила паралелка на албански јазик која ја посетуваат ученици од Крани, а на настава доаѓаат со организиран превоз.
Од средбата произлегоа следниве заклучоци: да се подобри финансирањето на работата на комисиите за односи меѓу заедниците, доследно да се спроведуваат законите кои се однесуваат на заштита на правата на немнозинските етнички заедници, да се организираат вакви средби во советите на општините за да се подобри комуникацијата меѓу општинските совети и градоначалниците а во општините каде нема просторни услови за работа на советниците дополнително да им се обезбеди простор каде ќе решаваат проблеми од локален карактер.
Регионалната средба ја организираше Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во соработка со локалните канцеларии на проектот во Ресен, Прилеп и Неготино.
Дневен ред
res493
neg073
pp776
|