На 21-ви ноември 2008 год. во Струмица се одржа јавна дебата на тема „Интеграција на немнозинските етнички заедници во јавниот живот“. Средбата ја организираше Фондацијата Институт отворено општество - Македонија во соработка со локалната канцеларија на проектот во Струмица (Центар за одржлив развој „Порта“, поранешен Центар за поддршка на НВО).
Целта на јавната дебата беше да се согледа сегашната состојба со
вклученоста на немнозинските етнички заедници во јавниот живот, како и
да се дадат препораки за поголемо вклучување на заедниците во
одлучувачките процеси на локално ниво.
На јавната дебата воведен збор имаа: Бранко Андонов - советник во општина Василево, Јасмина Поркојевиќ - претставник од Заедницата на Србите во Македонија – локална канцеларија Струмица, Лазар Младенов - претседател на Бугарскиот културен клуб во Македонија, Ирис Кумбараџи - претставник од турската етничка заедница, Зекимирен Усеинов - претседател на ЗГ „Кудрет“, Радовиш. Средбата ја водеше Игор Тасевски од Центарот за граѓанска иницијатива – Прилеп. На дебата учествуваа вкупно 30 учесници, од кои 21 претставник од невладини организации, 6 претставници од локалните самоуправи на Струмица и Василево, 2 претставници на јавни институции и еден новинар.
Бранко Андонов во своето воведно излагање се задржа на вклученоста на турската етничка заедница во општина Василево, наведувајќи ги сите примери на вклученост на Турците во јавниот живот на општина Василево. Јасмина Поркојевиќ се осврна на културата како фактор за обединување на младите од различни етнички заедници. Лазар Младенов зборуваше за страничните фактори кои влијаат на интеграцијата на немнозинските етнички заедници во Македонија, притоа посебно го елаборираше влијанието на медиумите. Ирис Кумбараџи зборуваше за образованието и нивото на културното живеење на Турците во Македонија, додека Зекимирен Усеинов ја истакна интеграцијата на ромската заедница во Радовиш.
На крајот од дебатата беа донесени следните препораки и заклучоци: надлежните институции да посветат поголемо внимание на образованието на етничките заедници (децата од етничките заедници уште од прво одделение да почнат да го изучуваат македонскиот јазик за да им се овозможи полесно вклучување во петто одделение кога престануваат да следат настава на мајчин јазик, да се зголеми бројот на паралелки од прво одделение на турски наставен јазик и бројот на паралелки од петто оделение во ОУ „Маршал Тито” во Струмица за да може да се намали прекумерниот број на ученици во една паралелка и да се овозможи поефективно следење на наставата во доволно простор, да се стимулираат наставниците-Македонци да го учат ромскиот и турскиот јазик за да има доволно кадар кој ќе помогне во обезбедувањето на настава на мајчиниот јазик на овие заедници), да се постави референт за етнички заедници во општина Струмица, да се стави акцент на квалитетот на кадрите при вработувањето одн. вработувањето да не се врши само формално заради постигнување процентуална застапеност на етничките заедници, да се испрати препорака до медиумите за ставање поголем акцент на домашната програма наспроти превземањето на програми од други претежно соседни држави и да се воспостави рамномерна застапеност на сите етнички заедници во медиумите, да се создаде мрежа на невладини организации кои ќе работат на прашања на заедниците. Јавната дебата беше емитувана на ТВ Вис Струмица на 23 и 24 ноември 2008 год.
Од дискусијата на јавната дебата произлезе и темата на ТВ дебатата во Струмица, која беше емитувана на ТВ Вис .
Дневен ред
str888
|