|
Одржан првиот мултиетнички хепенинг „Под исто сонце“ |
|
|
Под мотото „Под исто сонце“ во саботата (1 ноември 2008 год.) се одржа
првиот еднодневен мултиетнички хепенинг на Скопски саем, кој е дел од
кампањата за промоција на мултиетничките вредности и поттикнување на
меѓусебното почитување на етничките заедници во Македонија.
Културата, традицијата и вредностите како обележја на различните
етнички заедници беа промовирани од страна на невладини организации и
институции, од кои најбројни беа културно-уметничките друштва, женските
организации и музеите. Народни носии, ракотворби, кулинарски
специјалитети и фолклорни игри беа претставени од страна на 800
учесници од 28 населени места. Повеќе од 6000 посетители од цела
Македонија имаа можност да се дружат и да вкусат традиционални јадења,
да уживаат во музиката и да се запознаат со спецификите на културата и
традицијата на различните етникуми во земјава. Беа презентирани и
кратки документарни филмови, етнолошки изложби, ликовни дела и стрип
работилница.
На официјалното отворање говореа Н.Е. Ерван Фуере, специјален претставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската комисија, Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Хајрије Ахмед, претседател на НВО „Заеднички вредности“. „Сите етнички заедници и традиции покажуваат дека ова е навистина богата нација и тоа е она што Македонија може да и го понуди на ЕУ“ порача евроамбасадорот при отворањето на настанот. На отворањето присуствуваше и амбасадорот на САД, Филип Рикер, кој заедно со многубројните присутни ги разгледа бројните експонати и народни носии и уживаше во кулинарските специјалитети и фолклорните изведби на етничките заедници.
Во рамките на настанот се одржаа и две панел дискусии, првата посветена на 7-годишнината од Рамковниот договор, а втората на мултикултурализмот.
Охридскиот договор е успешен проект кој, и покрај извесните пропусти и тенденцијата за биполаризација на државата, сепак, дава резултати, оценија учесниците на дебатата. Професорот од Правниот факултет и еден од креаторите на Рамковниот договор, д-р Љубомир Фрчкоски, во својата дискусија се осврна на добрите и лошите страни на овој договор, но наедно укажа и на оптимистичките и песимистичките сценарија за Македонија, доколку не се преземе одговорноста околу преговорите за името. Граѓаните се согласуваат дека Рамковниот договор и донесе стабилност на земјава, но сметаат дека со него треба сите подеднакво да бидат опфатени. Забелешките се однесуваат на делот за поделбата на власта и на партиските вработувања по етничка основа во јавната администрација.
На втората панел дискусија се зборуваше за концептот на мултикултурализмот, рефлексиите на европскиот мултикултурализам во Македонија, декларативното и реалното во нашето општество. Сегрегацијата по секоја основа беше потенцирана од страна на м-р Жарко Трајановски, а односот помеѓу индивидуалните и колективните права беше дискутиран од страна на присутните претставници од различни етнички заедници (Власи, Турци, Срби, Роми, Египќани, Хрвати).
Вечерта заврши со бесплатен концерт на групите „Бла бла бла“, „Ареа“ и Тони Китановски и Черкези, кој озвозможи заедничко дружење и забава за младите.
Мултиетничкиот хепенинг го организираше ФИООМ во рамки на проектот „Живеење во мултиетичка средина - граѓани со еднакви права, можности и заштита“, финансиран од Европската комисија и ФИООМ. Целта на проектот е да се подобри статусот на малцинските групи и да се зајакнат капацитетите за активно учество во креирањето на јавни политики на локално и национално ниво.
[Panel discussions]
Фотографии од Првиот мултиетнички хепенинг
|