|
Регионална ТВ дебата во Куманово: Живее ли Куманово во духот на мултиетничкото разбирање? |
|
|
На 30.11.2007 година со почеток во 21:00 часот на ТВ Нова Куманово беше емитувана ТВ дебата со наслов „Живее ли Куманово во духот на мултиетничкото разбирање?“. Целта на оваа дебата беше да се промовира мултиетничкото разбирање и да се разговара за прашањата кои ги засегаат немнозинските етнички заедници во Куманово.
Во отворената контактна емисија со свое излагање учествуваа Зоран Петрушевски, Претседател на Советот на општина Куманово, Насер Вејсели, Заменик народен правобранител за подрачјето на Куманово, и следните претставници од невладиниот сектор: Соња Арсовска од СОС телефон Куманово, Бајрам Сулејмани од Натира Липково и Ахмет Јашаровски од ДРОМ Куманово.
Според соговорниците, Куманово е средина во која живеат луѓе од повеќе етнички заедници и претставува втора по големина општина во која живеат 60,5% Македонци, 26% Албанци, Срби 8,5%, 4% Роми, Турци, Власи и Бошњаци.
Претседателот на Советот на општината зборуваше за активностите преземени од страна на општината за подобрување на мултиетничкото живеење во Куманово. Ахмед Јашарoвски ја нагласи соработката со Советот на општината во изготвувањето на локалните акциони планови за Декадата на Ромите, како и потребата за нивно спроведување во контекст на потребите и проблемите со кои се соочуваат Ромите. Соња Арсовска и Бајрам Сулејмани ги изнесоа нивните гледишта и мислења за мултиетничкото живеење во Куманово, зборувајќи за сегрегацијата меѓу македонските и албанските ученици, и за напорите што треба да се направат за тие да се интегрираат. Насер Вејсели ја претстави работата на регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Куманово и начините за добивање помош од оваа институција.
Генерален беше заклучокот дека во Куманово се живее во духот на мултиетничко разбирање, а во Советот на општината се вклучени претставници од сите немнозински етнички заедници. Сепак, присутните се согласија дека сеуште треба да се работи на ова поле.
Водител на ТВ дебатата беше Снежана Петковска, новинар во ТВ Нова Куманово.
Дебатата беше репризно емитувана на 5 и на 8 декември 2007 година.
kum007
|