На 19 јуни 2008 год. се одржа јавна трибина во Дебар на тема „Последиците од малолетнички бракови кај ромската популација”. На трибината учествуваа 48 учесници, и тоа: претставници од локалната самоуправа и локалните институции (8), медиуми (4), невладини организации (12) и граѓани и млади од сите етнички заедници (24). Трибината ја водеше Несиме Салиоска од Организацијата за ромска мултикултурна афирмација „Рома СОС” од Прилеп која даде краток вовед за состојбата на ромската заедница во Република Македонија истакнувајќи дека најголема причина за напуштање на училиштата од страна на ромските деца е, за жал, многу честата појава на склучување малолетнички бракови.
Целта на трибината беше да се подигне свеста кај ромската популација за
последиците од традицијата на малолетнички бракови од правен,
медицински и социјален аспект,а во тој контекст беа повикани и следните
излагачи: Розита Бајрами
(претседателка на Организацијата на жени - Ромки од Дебар), Илир Исени
(адвокат), Исмаил Мерсимовски (социјален работник вработен во Центарот
за социјални работи Дебар), Нури Колеци (просветен инспектор) и Едлира
Пиперку (специјалист – гинеколог).
Розита Бајрами испрати порака до сите млади Роми и нивните родители да го изберат правилниот пат и да го продолжуваат своето образование за да бидат како сите други деца во Дебар и да не заостануваат во ништо. Само така ќе го живеат своето детство безгрижно, среќно и весело, а не како предвреме созреани возрасни луѓе. Илир Исени ги запозна присутните со законот со кој се регулира стапувањето во брак, потребните документи за брак/развод/алиментација и законските последиците од непочитување на Законот за задолжително средно образование. Исмаил Мерсимовски даде слика за состојбата со малолетничките бракови во Дебар и околината, условите под кои се стапува во брак, и причините за тоа (ниската култура и ниското образовно ниво на родителите, сиромаштијата, невработеноста, родовата нееднаквост, традиционалните и религиозните обичаи и предрасуди, прераното сексуално искуство на младите и несаканата бременост). Нури Колеци го заокружи делот на општествените предизвици нагласувајќи дека само со квалитетно образование може да се спречат непосакуваните рани бракови. Едлира Пиперку зборуваше за состојбата со предвремените породувања во светот, здравствените последици и статистиките. Истакна дека од оваа трибина треба да произлезе дека основата на секое семејство е мајката, ако таа е малолетна, необразована и не знае да ги едуцира децата, фамилијата и децата нема да имаат иднина и ќе се генерира повторно истото, затоа треба да се прекине овој синџир.
Потоа се водеше и дискусија во која се вклучија учесниците. Се дебатираше за триаголникот ученик-родител-учител, образованието на родителите, почитувањето на законите, одговорноста на лекарите што вршат абортуси на малолетни девојки во нелегални ординации, правото на децата, семејното насилство и др. Беше констатирано дека појавата на малолетнички бракови е присутна и кај другите етнички заедници, но најмасовна е кај ромската популација, особено во руралните средини. Како најчести причини за оваа појава беа наведени економските проблеми и ниското ниво на образование. Беше искажана надеж дека новиот закон кој предвидува дополнителен социјален пакет за образование за секое дете од социјално семејство ќе помогне во зголемување на бројот на образовани млади, а со тоа и во намалувањето на малолетничките бракови.
Трибината ја организираше Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во соработка со локалната канцеларија на проектот во Дебар (Центар за оддржлив развој на заедницата-Дебар, поранешен Центар за поддршка на НВО). Во јуни 2008 год. беше организирана трибина на истата тема и во Делчево.
Дневен ред (македонски, shqip )
deb237
|